Измамите се присутни насекаде, насочени кон луѓе од сите сфери на животот, и ги чинат Австралијците милијарди долари секоја година. Без разлика дали се работи за лажни имејли, неочекувани телефонски повици или онлајн шеми, измамниците секогаш наоѓаат нови начини да ја придобијат вашата доверба и да ги украдат вашите пари или лични податоци. Меѓутоа, три едноставни чекори можат да ни помогнат на сите нас да се заштитиме од измамниците.

На оваа страница

Три чекори како да се заштитите од измами

STOP.

Застанете

Ако не сте сигурни, не давајте пари или лични податоци на никого.

Измамниците ќе понудат да ви помогнат или ќе ве прашаат да потврдите кој сте. Тие ќе се преправаат дека се од организации што ги познавате и на кои им верувате, како што се бизниси, полицијата, вашата банка или владини служби.

CHECK.

Проверете

Запрашајте се – дали пораката или повикот може да бидат лажни?

Никогаш не кликнувајте на линк (врска) во порака. Контактирајте со бизниси или владини агенции користејќи ги само информациите за контакт што сте ги нашле на нивната официјална веб-страница или апликација. Ако не сте сигурни, кажете „не“, спуштете ја слушалката или избришете ја пораката.

PROTECT.

Заштитете се

Дејствувајте брзо ако чувствувате дека нешто не е во ред.

Контактирајте ја вашата банка ако забележите невообичаена активност или ако измамник ви зел пари или податоци. Побарајте помош и пријавете ни ја измамата. Кога пријавувате измами, ни помагате да ги запреме и да ги предупредиме другите.

Овој материјал на македонски јазик може да ви помогне да препознаете и избегнете измами.

Како да препознаете и избегнете измами

Публикацијата Како да препознаете и избегнете измами (How to Spot and Avoid Scams) е меѓународно призната како важна алатка за вас и малите бизниси за да научите за измамите, вклучувајќи ги следните работи:

  • најчести видови на измами на кои треба да внимавате
  • различни начини на кои  измамниците можат да ве контактираат
  • алатки што измамниците ги користат за да ве измамат
  • предупредувачки знаци
  • како да се одбраните од измами
  • каде можете да најдете помош.

Видео запис

Во овој видео запис на македонски јазик се објаснети некои од начините на кои можете да се заштитите себеси и вашата заедница од криминални измамници и да дознаете повеќе за Scamwatch.

Remote video URL

Националниот центар за борба против измами
управува со Scamwatch.
Scamwatch ви покажува како 
да препознаете и избегнувате измами.
Кога сме претпазливи, имаме контрола.
Знаеме кога да застаниме и да провериме 
дали некој е навистина тој што вели дека е.
Измамниците стануваат сè попаметни и постојано смислуваат нови измами.
Измамниците ќе ве натераат да чувствувате 
дека треба брзо да реагирате или дејствувате.
Тие се надевааат дека со тоа 
што ви вршат ваков притисок,
ќе ве натераат да ги пропуштите знаците
кои ве предупредуваат на измама.
Па, кои се овие предупредувачки знаци?
Тие можат да бидат: Закани или обвинувања од властите.
Можности за заработка.
Приказни или повици за помош.
Барања да кликнете на линкови 
или да отворите прилози.
Барања да платите на 
невообичаени или посебни начини
или упатства да префлите 
пари на „безбедна сметка“.
Измамниците често ќе се преправаат 
дека се од организации што ги знаете
или дека се поединци на кои им верувате.
На пример, даватели на услуги, 
од полицијата,
од вашата банка, од владата,
или дури и член на семејството.
Можат да ве контактираат
на многу различни начини.
На пример, преку текстуални/СМС пораки, 
имејл, телефонски повици, 
веб-страници, социјалните мрежи 
и онлајн пораки или апликации.
Треба да запамтите три едноставни чекори 
за да се заштитите:
ЗАСТАНЕТЕ – Не брзајте да дејствувате. 
Запамтете, измамниците ќе создаваат впечаток дека се работи за нешто итно.
ПРОВЕРЕТЕ – Запрашајте се, дали оваа порака или повик се можеби лажни?
Дали навистина знаете со кого комуницирате?
ПРИЈАВЕТЕ – Дејствувајте брзо 
ако мислите дека нешто не е во ред,
и помогнете им на другите во вашата заедница
со пријавување измами на Scamwatch.gov.au.
Ако сте префрлиле пари или 
споделиле какви било финансиски податоци,
веднаш контактирајте ја вашата банка.
Секој може да биде измамен.
Ако вам или на ваш познат ви биле украдени пари или лични податоци со измама, 
не сте единствени.
Разговарајте со семејството, пријателите и заедницата за измами.
И запамтете да ЗАСТАНЕТЕ!
Подобро е да сте безбедни отколку измамени.

Не е срамота ако сте биле измамени

Тоа може да му се случи на секој од нас. Ве поттикнуваме информациите и вашите лични искуства во врска со измами да ги споделите со вашите пријатели, семејството и заедницата. Ова може да помогне да се спречи на некој друг да му бидат украдени пари или лични податоци. Колку повеќе зборуваме за тоа, толку помалку моќ имаат измамниците.

Вклучете се во борбата против измами

Промовирајте ги чекорите ‘Застанете. Проверете. Заштитете се.’ -  трите едноставни чекори за да се заштитиме сите ние од измами на работното место, во заедницата и во семејството, користејќи ги овие постери, слики и аудио-клипови.

Објава за социјалните мрежи – измами преку лажно претставување (phishing scams)

Споделете ја оваа објава на социјалните мрежи за да им помогнете на другите да ги препознаат измамите преку лажно претставување.

Измамниците се преправаат дека се бизниси на кои им верувате, како што се банки и даватели на интернет или телефонски услуги.

Тие се обидуваат да ги добијат вашите лични податоци за да можат да ви ги украдат парите и да извршат други злочини.

Следниот пат кога ќе добиете имејл или порака со која ви бараат податоци, Застанете. Проверете. Заштитете се.

За повеќе информации во врска со измами, посетете ја веб-страницата www.scamwatch.gov.au/macedonian

Објава за социјалните мрежи – измами со лажни фактури

Споделете ја оваа објава на социјалните мрежи за да им помогнете на другите да ги препознаат измамите со фактури.

Измамниците се преправаат дека се од бизниси што сте ги користеле претходно и ви испраќаат фактура со лажни податоци за плаќање.

Најдобар начин да се заштитите е да се јавите на бизнисот за да ги потврдите податоците за плаќање и за банката.

Погрижете се да го користите телефонскиот број што веќе го имате, а не телефонскиот број на фактурата.

За повеќе информации во врска со измами, посетете ја веб-страницата www.scamwatch.gov.au/macedonian

Објава за социјалните мрежи – измами со претставување како друго лице (impersonation scams)

Споделете ја оваа објава на социјалните мрежи за да им помогнете на другите да ги препознаат измамите со претставување како друго лице.

Австралиската влада нема да ви се заканува, но измамниците ќе го прават тоа.

Измамниците можат да украдат лични податоци и да се претставуваат како некоја личност или организација.

Понекогаш дури и ќе ви се заканат со апсење, депортација или физичка повреда ако не се согласите веднаш да им платите.

Проверете дали лицето е тоа што вели дека е со тоа што ќе се јавите во организацијата користејќи ги податоците за контакт што ќе ги најдете со пребарување на интернет.

За повеќе информации во врска со измами, посетете ја веб-страницата www.scamwatch.gov.au/macedonian

Аудио-снимка – измами преку лажно претставување

Remote video URL

Од јули 2019 до јуни 2024 година, Scamwatch прими повеќе пријави за измами преку лажно претставување (phishing) од лица со потекло од неанглиско говорно подрачје отколку за било каков друг вид на измами.

Измамите преку лажно претставување се обиди да бидете измамени да ги споделите вашите лични податоци преку текстуална порака или имејл. Овие измами изгледаат како да се вистински бидејќи измамниците обично се претставуваат како да се од организации кои ги знаете. Тие често злоупотребуваат вистински логоа и ABN броеви, и оставаат впечаток дека телефонскиот број или имејлот од кој ве контактираат е ист како оној на вистинската организација. Тие исто така можат да создадат чувство на итност наведувајќи лажен краен рок за исплата или заканувајќи се со казна ако не одговорите. 

Секогаш пред да споделите било какви лични или финансиски податоци, јавете се на официјалниот телефонски број на организацијата за да проверите дали пораката е вистинита.

Аудио-снимка - Закани

Remote video URL

Меѓу јули 2019 и јуни 2024 година, луѓето со потекло од неанглиско говорно подрачје пријавиле дека изгубиле 6,8 милиони долари поради измами со закани и изнуда. 

Измамниците се преправаат дека се од некоја организација или владина агенција и тврдат дека треба да им платите пари. Тие може да ви се закануваат со апсење, депортација, или дури и физичка повреда доколку не се согласите да им платите. 

Тие исто така може да ве уценуваат со закана дека ќе ги споделат вашите интимни фотографии или видеа ако не им испратите пари.

Во некои случаи, тие принудија студенти да го лажираат сопственото киднапирање со цел да ги измамат нивните семејства да им испратат пари за откуп.

Не попуштајте под притисок од измамниците. Тие се обидуваат да ве заплашат за да го правите она што го велат. Пријавете ја измамата на Scamwatch или, ако сте загрижени за вашата безбедност, веднаш контактирајте ја полицијата. 

Аудио-снимка – Застанете. Проверете. Заштитете се.

Remote video URL

Од јули 2019 до јуни 2024 година, луѓето со потекло од неанглиско говорно подрачје пријавиле на Scamwatch повеќе од 62.000 измами и изгубиле вкупно 210,4 милиони долари.

Можете да се заштитите од измами со три едноставни чекори:

Прв чекор: ЗАСТАНЕТЕ – Ако не сте сигурни, не давајте лични податоци или пари на никого. Кажете „не“, прекинете го телефонскиот разговор и не кликнувајте на ниеден линк. 

Втор чекор: ПРОВЕРЕТЕ – Измамниците се преправаат дека се од организации што ги познавате, како што се вашата банка, полиција или владини служби. Секогаш контактирајте ја организацијата користејќи ги информациите што самите ќе ги најдете на нејзината официјална веб-страница или апликација. 

Трет чекор: ЗАШТИТЕТЕ СЕ – Реагирајте брзо ако чувствувате дека нешто не е во ред. Ако некој изманик ги земе вашите пари или податоци, контактирајте ја вашата банка и пријавете го тоа на Scamwatch. 

Постер – статистички податоци за измами

На овој постер е прикажано како измамите влијаат на културно и јазично различните заедници во Австралија.

Пријавете измами

Со пријавување на измама на Scamwatch, ни давате информации за најновите измами, за да можеме да ги идентификуваме и спречиме. Тоа ни помага да ја предупредиме заедницата за нови или новонастанати измами и ни овозможува да ги споделиме овие информации со органите за спроведување на законот и други владини организации, за да им помогнеме да ги истражат измамите и да ги гонат измамниците.

Нашиот формулар за пријавување на измами онлајн е на англиски јазик. Ако треба да пријавите измама на друг јазик, можете да се јавите во Службата за писмено и усно преведување на 131 450 и да ги замолите да ве поврзат со нашиот тим (на 1300 302 502). Нашиот персонал со задоволство ќе ја заведе вашата пријава за измама со помош на преведувач.